Huawei на почетокот од MWC 2014 настанот го претстави MediaPad X1, уникатен уред каков што до сега не е претставен. Поточно се работи за 7 инчен уред кој што би очекувале да е уште еден од веќе големиот број на таблет компјутери од таа категорија. Меѓутоа уредот исто така е и мобилен телефон, со слушалка вградена на стандардното место. До сега беа претставувани, а и доста популарни phablet, односно телефон таблет уредите, но тие обично беа со големина од 6 инчи.
MediaPad X1 е најлесниот и најтесниот уред во својата класа, односно во класата на 7 инчни таблет компјутери, помал и од Nexus 7. Дали тоа го прави доволно мал и лесен за користење како мобилен телефон, останува на корисниците да кажат, меѓутоа како таблет компјутер дефинитивно изгледа интересно. MediaPad X1 исто така доаѓа и со одлични карактеристики, односно слободно може да се категоризира во високата класа на уреди.
Овој 7 инчен таблет/мобилен доаѓа со IPS LCD екран на допир и резолуција од 1920 x 1200 и густина на пикселите од 323 ppi. Работи со четири јадрен процесор на 1,6 GHz и 2 GB RAM меморија, како и 16 GB вградена надворешна меморија и можност за вклучување на microSD картичка до 32 GB. Уредот исто така доаѓа со задна камера со 13 мегапиксели и можност за снимање во Full HD резолуција, како и предна камера со 5 мегапиксели. Поради неговата големина, MediaPad X1 вклучува батерија со капацитет од 5.000 mAh. Според Huawei ова е доволно уредот да не треба да го полните неколку дена.
Слика: GSMArena