На настанот кој што се одржа вчера во New York, како и што беше очекувано, Microsoft ја претстави третата генерација од Surface Pro таблет компјутерот кој што е поголем и вклучува 12 инчен екран и едно од најтенките тела кај овој тип на уреди. Меѓутоа на овој настан се очекуваше претставување на уште еден уред, а тоа беше Surface Mini, помалата верзија од главниот уред, нешто што е многу популарно кај корисниците и конкурентите имаат огромен успех со нивните вакви верзии.
Меѓутоа како што можевте да видите, Surface Mini не само што не беше претставен, за него воопшто не се разговараше и не беа дадени било какви информации за можно претставување во иднина. Информации и неофицијални најави за ваков уред од страна на Microsoft има веќе одамна, но тие никако да се официјализираат. Според извори на Bloomberg, кои се наводно запознаени со работите, на ваков уред се работи и тој требало да биде претставен, меѓутоа бил откажан од новиот директор Satya Nadella, како и од Stephen Elop. Причините поради кои што тие го имаат откажано помалиот уред е тоа што уредот не бил доволно различен од конкуренцијата и поради тоа тие не очекувале тој да биде хит, односно доволно да се продава и да ги оправда трошоците за производство кои што се’ уште се поголеми од приходите кои што ги прават Surface уредите.
Уште еден фактор може да има влијаено на одлуката да не се претстави mini уредот, а тоа е падот на зголемување на пазарот на уреди со екрани на допир, како и падот на продажбите на iPad од Apple. Surface Pro 3 е наменет на голем дел од корисниците на лаптоп компјутери, па може да се каже дека тој не е класичен таблет компјутер, односно уред со екран на допир.