Последниот Lumia телефон конечно беше официјално претставен од страна на Microsoft и тоа без голема помпа – само како соопштение на интернет. Lumia 650 прво ќе почне да се продава во Европа, што значи дека ќе пристигне брзо и кај нас, а ќе чини 230 евра за отклучен модел без договор.

Многу од спецификациите на Lumia 650 досега ни беа познати. За работата на софтверот ќе се погрижи Snapdragon 212 чипот со четири јадра кои работат на 1,3 Ghz, помогнат од 1 GB рам меморија и 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување со micro SD картичка. Прилично стандардно за ниската класа, но не и за средната каде 650-ката сака да се натпреварува – тука очекувавме барем Snapdragon 410 процесор.

lumia-650-official-1

Сепак, работите се подобруваат однадвор – 5 инчниот дисплеј е AMOLED и има HD резолуција, што значи дека треба да се очекува прилично добра видливост на сонце, длабоки бои и висок контраст. Од страна, Lumia 650 е целосно обвиена во метална рамка, која треба да даде цврстина, но и чувство на луксуз, додека задниот поклопец е лесно променлив – во моментов се достапни само бела и црна боја. 650-ката може да се пофали и со прилично тенко тело – само 6,9 милиметри како и ниска маса – 122 грама.

Камерите се прилично солидни – задната има 8 мегапиксели со f2.2 бленда, додека предната има 5 мегапиксели со f2.2 бленда. Батеријата има капацитет од 2.000 mAh, што би требало да е доволно за целодневно користење, а со оглед на штедливиот чипсет. Достапни ќе бидат 4G LTE верзии со една и две сим картички (dual SIM).

lumia-650-official-side copy

Секако, Lumia 650 доаѓа со вграден Windows 10 Mobile оперативен систем, кој донесува неколку подобрувања во однос на Windows 8.1, од кои корисникот на овој телефон нема да може да го искуси едно од најинтересните – Continuum не работи со Snapdragon 212 чип. Чуден избор на чип – Lumia 650 се рекламира како бизнис уред и таа опција секако ќе беше добредојдена за тие корисници.

Извор: The Verge, Windows Central (1) (2), GSMArena

Претходна статијаLG претстави два нови смартфони од средната класа со уникатни карактеристики
Следна статијаSony Huis е универзален далечински управувач со e-ink екран