microsoftlaunchesnokia216

Океј, луѓе, мобилните телефони, оние без „паметна“ функција за четување на месинџер и сликање „кученце“ селфија на снепчет се дефинитивно веќе историја. Или не? Microsoft барем не мисли така – тие штотуку лансираа нов мобилен телефон, кој не носи ништо особено интересно во тој свет, освен веројатно за оние кои сѐ уште одбиваат да користат паметен телефон со дисплеј на допир или навистина не можат.

Nokia 216 има дизајн како скоро сите понови мобилни телефони на Nokia, со тело кое е достапно во неколку различни бои, што секако дава свежина на целосниот изглед. Секако, 216-ката нема да победи ниту на еден дизајнерски натпревар, но барем не изгледа лошо и може добро да се носи со некои понови паметни телефони.

Спецификациите, барем за обичен телефон, не се за потценување. Дисплејот има големина од 2,4 инчи и античка 320×240 пиксели резолуција, 16 MB рам меморија и 16 MB простор со простор за micro SD до 64 GB, предна и задна камера од 0,3 мегапиксели, блиц за двете камери, можност за dual SIM и батерија со капацитет од 1.020 mAh. Всушност, колку и да личи мала батеријата, сигурен сум дека телефонот нема да го полните со денови, зошто ваквите телефони се многу помали потрошувачи од паметните телефони со голем дисплеј.

Иако не се работи за паметен телефон, Nokia 216 ќе биде опремен со апликации за стандардните социјални мрежи, како Facebook и Twitter, што значи дека ќе можете (донекаде) да бидете во тек со работите на интернетот. Телефонот ќе биде опремен и со Opera Mini Browser, кој има вграден Opera Mobile Store продавница за дополнителни апликации, што е одлична вест. Цената ќе изнесува 37 долари, што и не е премногу за бекап телефон.

Колку и да се чини неинтересен, ова е дефинитивно последниот Nokia телефон од Microsoft – од наредната година финскиот производител би требало да се врати на пазарот на паметни телефони, но за тоа засега нема најави или сигурни информации.

Извор: The Next Web, The Verge, ZDNet

Претходна статијаGoogle ќе ги претстави очекуваните Pixel телефони на 4-ти октомври
Следна статијаОфицијално достапна Google Allo – новата апликација на Google за разговори