Според информации во кои што се прилично сигурни два американски портали, односно Windows Central и The Verge, новите Lumia 950 мобилни телефони ќе почнат официјално да се продаваат од 20-ти ноември.
Се разбира ова не значи дека и ние во нашата земја ќе можеме веднаш да ги купиме, меѓутоа по достапноста во САД, можеме да очекуваме дека наскоро потоа ќе бидат достапни и кај нас.
Од 20-ти ноември само едниот модел, Lumia 950 треба да стане достапен преку само еден оператор во САД, односно AT&T, додека заинтересираните корисници ќе можат да го купат другиот модел во продавниците на Microsoft.
За ова компанијата беше доста критикувана. Слабата соработка со операторите во САД, што претставува огромен пазар, се гледа како една од главните причини за слабиот пазарен удел на Windows Phone, односно Windows 10 Mobile како што ќе се вика новата верзија.
Корисниците, иако имаат помал интерес за уредите кои што работат на Windows, сепак сигурно многу поголем дел од нив би им дале шанса доколку се лесно достапни преку нивниот оператор.
Во нашата земја се очекува да бидат понудени двата модели преку нашите оператори, па навремено ќе ве информираме за нивната достапност и цена.
Со пуштањето во продажба на новите Лумии, се очекува и официјално пуштање на финалната верзија од Windows 10 Mobile. Се верува дека последната тест верзија достапна за Windows Insider корисниците, може да биде и финалната верзија.
Ќе биде навистина интересно да се види какви ќе бидат бројките на продажби на овие телефони и дали идната година ќе биде подобра за Windows на мобилните, односно дали ќе успеат да се придвижат нагоре од пазарниот удел кој што обично се движи околу 3%.
Извор: Windows Central, The Verge