Microsoft како сопственик на Kinect, еден од најдобрите уреди за детектирање на гестови и движења, е логично доколку ова искуство го пренесе на нивните мобилни уреди. Извршувањето на одредени активности на мобилните телефони без потреба од притискање на некое копче, без разлика дали се работи за физичко или виртуелно, сигурно би претставувало навистина корисна работа, доколку биде квалитетно направена.
Според информациите до кои што неофицијално има дојдено The Verge порталот, Microsoft работи на развој на систем сличен на Kinect, со кој што Windows Phone уредите ќе овозможат интеракција, односно извршување на одредени работи преку гестови. Овој систем се состои од повеќе сензори поставени на повеќе места на уредот кои што ќе може да ги следат движењата на рацете пред него, позицијата на држење, начинот на држење и слично. Според информациите технологијата за мобилните телефони, наречена моментално 3D Touch и Real Motion, е развивана со години од страна на Nokia, сега во сопственост на Microsoft. Првиот телефон кој што треба да ја вклучува оваа технологија е се’ уште неофицијалниот McLaren, кој што треба да биде претставен оваа година и достапен на почетокот на американските корисниците преку тамошните оператори.
Технологија која што овозможува контролирање на уредот без потреба од притискање на него е достапна во уредите на Samsung, меѓутоа информациите говорат дека истата не е доволно развиена и корисниците не ја користат доволно. Од Microsoft ќе треба да понудат нешто повеќе, како и добро да го имплементираат за лесно користење, ако сакаат нивните уреди да се издвојат од конкурентните.
Технологијата треба да им овозможи на корисниците да одговараат на повици со држење на телефонот до увото, вклучување на звучникот при разговор со поставување на телефонот на маса, спуштање со ставање на телефонот во џеб, заклучување на ориентацијата на екранот при користење на телефонот во кревет и слично.
Извор: The Verge