Софтверскиот гигант, годинава ја прави веројатно најголемата револуција во настапот на светскиот пазар за компјутери и паметни телефони, по лансирањето на Windows 95. Windows 10 ќе биде првиот оперативен систем во светот, воопшто, кој ќе може да работи буквално на сите уреди кои можете да ги замислите, вклучувајќи ги и паметните телефони, таблетите, лаптопите, Xbox One и телевизорите.
На големата Build конференција, за која веќе пишувавме, Microsoft претстави неколку новитети, како можноста паметните телефони со Windows 10 да се користат како компјутери, а сега, на конференција во Чикаго, покажаа како ќе изгледа оперативниот систем и на таблетите и какви можности и подобрувања ќе има во однос на Windows 8.1, односно претходните Technical Preview верзии.
Оваа верзија ќе биде наменета пред се за помалите таблети, со големина на екранот од 8 до 9 инчи во дијагонала, додека за 7 инчните ќе се користи верзијата наменета за телефоните. Почетниот екран на верзијата за таблети ќе ги има познатите живи плочки, но истите нема да го заземаат целиот екран.
Во долниот дел се наоѓа таскбарот, кој неодоливо потсетува на оној од десктоп верзијата и кој вклучува копче за мултитаскинг, за Cortana, копче за враќање назад, како и Start копчето кое ве враќа на почетниот екран. Во десниот долен агол се наоѓа центарот за нотификации, додека во горниот лев дел може да се отвори мени со повеќе апликации, подесувања и слично.
За разлика од порано, работењето со повеќе апликации нема да се врши преку “swipe” од десната страна, туку Task View копчето ќе ги покажува сите апликации во мали прозорчиња одеднаш, слично како на Android, но многу поминималистичко и попрегледно.
Нормално, тука ќе биде вградена и Continuum верзијата и со поврзувањето на поголем екран, односно маус и тастатура, ќе се смени корисничкиот интерфејс и ќе биде достапен целосен десктоп, со сите стандардни Windows програми, исто како кај компјутерите. Всушност, ова е една од функциите за која Microsoft смета дека може да го смени начинот на кој ги користиме таблетите.
За оние што сакаат да ги погледнат можностите на Windows 10 за таблетите во акција, подолу и видео од Џо Белфиоре, главниот зад дизајнот на новиот оперативен систем на Microsoft.
Извор: Ubergizmo