Наредната генерација од двата модели на Samsung со екрани кои се превиткуваат се очекува да биде претставена ова лето. За Galaxy Z Fold се очекува и дека ќе биде еден вид на замена за Note серијата која оваа година можно е да нема нова верзија.
Сликите од Galaxy Z Fold3 и Galaxy Z Flip3 ги објавува познатиот Еван Блас, односно познат како @evleaks.
Тој објавува две слики од кои во едната се гледаат двата нови модели еден до друг, како и уште една слика во која дополнително се гледа Galaxy Z Fold3.
Од тоа што може да се види, Samsung ќе донесе одреден редизајн кај овие два модели. Поточно, кај Galaxy Z Fold3 се гледа дека нема да се користи стилот на модулот за камерите од Galaxy S21 серијата од оваа година.
Уште поважно, а посебно ако треба да ја замени Note серијата, од сликите се гледа дека Galaxy Z Fold3 ќе дојде со S Pen, нешто што дефинитивно може да биде корисно за еден ваков уред.

Поголема разлика во дизајнот се забележува кај Galaxy Z Fold3 кој има сличен модул за камерите како кај Galaxy S21, но наместо во вертикална позиција и од страната, тој е поставен хоризонтално на горниот дел.
Модулот исто така е во различна боја од остатокот на задниот дел од уредот, со што се добива интересна разлика и ефект во овој дел.
Со оглед на тоа дека се работи за слики, повеќе информации за карактеристиките нема, па истите сигурно посебно ќе бидат објавувани до претставувањето на уредите.