Може слободно да се каже дека веќе нема претставување на уред или оперативен систем без претходно да видиме голем број на неофицијални информации, слики, видеа и слично. Најновите слики доаѓаат од познатиот „протекувач“ на информации за уредите Evleaks и се однесуваат на наредниот модел кој што се очекува да биде претставен од страна на Motorola.
Се работи за неофицијални слики, за кои што не е познато дали воопшто се вистински, од наследникот на познатиот Moto X модел од овој производител. Како што веќе сигурно сте запознаени, Motorola беше продадена од страна на Google на кинеската компанија Lenovo за околу 3 милијарди долари на почетокот од оваа година. Од тогаш компанијата претстави неколку модели од поевтината класа, меѓутоа не го претстави наследникот на популарната X линија. Според информациите наследникот на Moto X треба да биде наречен Moto X+1.
Од сликите може да се види дека од компанијата нема да направат драстични промени во изгледот на телефонот, покрај неколку минимални, како што е поголема камера и логото Motorola. Исто така од сликата може да се види дека најверојатно новиот модел ќе вклучува два звучника на предната страна, нешто што е карактеристично, а и популарно кај новите модели на HTC.
Како и уште неколку модели од други производители, Moto X+1 се очекува да биде претставен идниот месец, што го прави Септемвир навистина интересен месец.
Извор: The Verge