Компанијата NexDock, која во главно работи со додатоци за смартфоните и компјутерите, претстави смартфон кој дефинитивно ќе биде уникатен на пазарот.
NexPhone доаѓа со можност за користење како класичен Android смартфон, но на него е инсталиран и Windows 11, нешто што сега е доста лесно да се направи и да се користи со оглед на конечниот напредок на овој систем на ARM чиповите.
Главната замисла со NexPhone е да се користи со надворешен екран, односно на корисниците да им овозможи во џебот со себе да носат целосен компјутер.
Додека Android конкурентите, како и NexPhone, ова го овозможуваат преку функции како Samsung DeX, главната предност на овој телефон е што кога ќе се поврзе на надворешен екран, овозможува класично користење на Windows 11.
Секако, со послабиот хардвер кој е достапен на телефонот не може да се очекува дека тој би се користел за сериозна работа, како измена на видео, но за секојдневните едноставни активности, тој е доволен.
Windows 11 може да се користи и на екранот од телефонот, но очекувано тоа не е баш практично, па поради тоа од NexDock имаат направено „launcher“ кој го претвора телефонот во Windows Phone.
Инаку, NexPhone доаѓа со Dragonwing QCM6490 чипот од Qualcomm, заедно со 12GB RAM и 256GB простор за податоци. Екранот е со големина од 6,58 инчи и доаѓа со стапка на освежување од 120 херци.











































