galaxy-s7-crop-840x618

Новиот знаменосец на Samsung треба да биде претставен на 21-ви февруари, но како и по обичај, уште отсега ги знаеме скоро сите детали. На новите фотографии од Android Authority се запознаваме со дизајнот на уредот, но и со неколку промени и подобрувања во однос на Galaxy S6.

Самиот дизајн очигледно нема да биде претерано променет (освен што сега ќе биде достапна и црна боја, која очигледно привлекува многу отпечатоци од прсти), што реално и не беше потребно – S6-ката и натаму е еден од најубавите смартфони. Она што беше потребно, пак, е слот за micro SD картичка за лесно проширување на капацитетот за складирање податоци, кој ќе го има во новиот модел.

galaxy-s7-crop-2-840x664

Исто така, сега е веќе потврдено дека Galaxy S7 и останатите негови изведби ќе бидат отпорни на вода. Сеуште не се знае колку ќе бидат отпорни, но тоа ќе биде или IP67 (до 1 метар длабочина, максимум 30 минути) или IP68 (поголема длабочина, без ограничување на време). Ова е одлична вест за сите оние кои не ги пазат добро своите телефони и знаат да ги испуштат од раката кога врне на пример, но и за уште пофенси фотографии од летниот одмор под вода.

Потврдено е и дека камерата сега ќе има 12 мегапиксели, што значи дека сензорот ќе има поголеми пиксели. Ова треба да донесе големо подобрување во целосниот квалитет на фотографијата – сликите ќе имаат помалку шум, особено во ноќни услови, додека JPG датотеките нема да мора да бидат претерано компресирани.

На видеото подолу може и да се види како ќе изгледа оперативниот систем во Galaxy S7, односно Marsmallow 6.0 со TouchWiz скинот на Samsung.

Од останатите информации, многу веќе имавме потврдено досега – ќе бидат претставени два модели, првиот Galaxy S7 со 5,1 инчен дисплеј и вториот Galaxy S7 Edge со закривен дисплеј на страните со големина од 5,7 инчи.

Зависно од верзијата, ќе се вградува Snapdragon 820 или Exynos 8890 процесор, а двата ќе бидат помогнати од 4 GB рам меморија и 32 GB простор. Според новите информации, единствено променет е капацитетот на батеријата кај обичниот S7 – сега изворите велат дека таа ќе има капацитет од 2.800, наместо 3.000 mAh.

Едно е сигурно – сите овие информации ќе ги потврдиме за три дена (21-ви февруари), кога ќе бидат официјално претставени двата нови Galaxy S7 уреди.

Извор: Engadget, GSMArena, Android Authority

Претходна статијаНов Wi-Fi стандард за времето на IoT уредите
Следна статијаGoogle, WhatsApp и Microsoft со поддршка за Apple против судската одлука