Lumia дивизијата на Microsoft има уште два (?), последни производи во својот арсенал, кои наскоро треба да бидат претставени на јавноста. Се работи за модели од средно-ниската класа, наследници на популарните 640-ки, кои ќе ги карактеризираат малку полуксузни и помодерни дизајни од оние на своите претходници.
Како со скоро сите Lumia уреди досега, фотографиите протекоа уште пред да бидат претставени телефоните, и тоа од германскиот сајт WinFuture, кој скоро секогаш ни донесува вакви информации и од кинескиот Baidu. На новите фотографии може да се види дека Lumia 650 уредите ќе имаат прилично модерен дизајн, со метална рамка од страните, што е детаљ кој го немаат ниту уредите од високата класа, Lumia 950 и 950 XL.
Новост во овие информации е присуството на XL уредот (а фотографијата спореден со Lumia 1520 со дисплеј од 6 инчи), кој веројатно ќе има 5,4 инчен дисплеј со HD резолуција (1280х720 пиксели) и за кој досега немаше никакви информации, наспроти обичната 650-ка, која ќе има 5 инчен HD дисплеј како и актуелната Lumia 640.
И двата уреди инаку нема да имаат премногу моќни внатрешни компоненти. На пример, чуден е изборот на процесорот – Snapdragon 210 (или 212, но разликата е само во работниот такт) треба да припаѓа само во уредите од најниските класи. Исто така, тука е помогнат од 1 GB рам меморија, што е можеби доволно за флуидно функционирање на Windows 10 Mobile, но факт е дека Android конкуренцијата нуди повеќе.
Lumia 650 и 650 XL ќе имаат и вграден простор за складирање податоци од 8 GB, со простор за проширување преку micro SD картичка. Камерите веројатно ќе имаат 8 мегапиксели назад и 5 мегапиксели напред. Батеријата кај помалиот уред ќе има 2000 mAh, додека сеуште нема информации за големината на батеријата на поголемиот, XL модел.
Како и да е, овие спецификации покажуваат дека Microsoft веќе и не обрнува особено внимание на Lumia линијата – ова ќе бидат последните смартфони со тоа име. Сега главната енергија е насочена кон долго очекуваниот Surface Phone, кој треба да биде првиот „вистински“ Windows 10 Mobile смартфон и кој ќе се придружи на успешната линија на Surface таблети.
Извор: Windows Central, GSMArena, WM Power User