Популарниот YouTube канал “Unboxed Therapy” објави видео во кое ја споредува школката на iPhone 6, со таа на новиот iPhone 6S. Според тоа што може да се види, новиот модел ќе има многу поцврст алуминиум, со зајакнување од страните.
Двата актуелни модели се непопуларни по тоа што лесно се виткаат. Поголем проблем има поголемиот iPhone 6 Plus, но и 6-ката не е имуна. Многу корисници, често имаат проблем со видливо свиткани телефони, односно проблеми со екранот на допир, каде делот за препознавање на допирот, поради свитканоста, некогаш препознава и непостоечки допири.
Новите модели ќе имаат многу поцврста школка, изработена од поквалитетен алуминиум 7000 (за разлика од 6061 кај актуелните модели), кој има 3 пати поголема цврстина. Исто така, школката е зајакната кај делот каде најлесно се витка, односно таму е ставено двојно повеќе материјал.
Иако Lewis Hilsenteger, човекот кој стои зад YouTube каналот, беше истиот тој кој ја започна аферата со лесно свитливите iPhone-и, овој пат, во ова видео, не направи ист таков тест со школките. Ќе беше интересно, исто како и првото видео, нели.
Во друга протечена информација, од MacManiak, дознаваме и дека новите модели дефинитивно ќе имаат Force Touch, како и подобрен Touch ID систем за препознавање на отпечатоци од прстите. Исто така, екранот се чини ќе биде залепен на школката, што можеби дополнително ќе придонесе за зајакнување на телефонот.
Овие промени со сигурност ќе придонесат за поцврсти iPhone-и, но дали тоа ќе биде доволно и за поголемиот iPhone 6S Plus, кој е претенок за својата големина, останува да видиме, а такви тестови по интернетот со сигурност ќе има.
Извор: Unbox Therapy (YouTube), MacManiack (YouTube), Gizmodo