OnePlus официјално го најави претставувањето на нивниот прв уред на преклоп, но покрај ова, од компанијата не дадоа никаква дополнителна информација. Како и секогаш, остануваме да „зависиме“ од неофицијалните извори да ни кажат нешто повеќе.
Минатата недела можевме да ги видиме првите неофицијални слики од OnePlus Fold или како и да биде името на овој уред, а со тие слики ја добивме и информацијата дека претставувањето може да се очекува во август.
Од сликите се гледа доста добро дизајниран уред од кого може да се очекува да донесе одлична конкуренција на пазарот.
Сега истиот извор ни ги открива и можности карактеристики на OnePlus Fold, а со оглед на тоа дека се работи за mysmartprice и onleaks, очекуваме дека информациите ќе се покажат како точни.
Од тоа што го тврдат од mysmartprice, може да се очекува уред од највисоката класа, уред кој директно ќе конкурира на Galaxy Z Fodl5, како и на новиот Pixel Fold од Google.
OnePlus Fold треба да работи на Snapdragon 8 Gen 2, моментално најсилното на пазарот, заедно со 16GB RAM и 256GB простор за податоци.
Екранот кој се превиткува ќе биде со големина од 7,8 инчи и ќе биде направен со AMOLED технологија и наводно ќе има 2К резолуција. Надворешниот екран треба да има 6,3 инчи, исто така AMOLED, а двата екрани ќе имаат 120 херци стапка на освежување.
Батеријата се најавува дека ќе има капацитет од 4800 mAh и ќе се полни со карактеристично брз полнач од 67 вати, иако се истакнува дека не е полначот од OnePlus 11 кој доаѓа со 100 вати.
Вкупно пет камери може да се очекуваат кај OnePlus Fold, од кои главната и ултра широката ќе имаат по 48 мегапиксели, а камерата за зумирање ќе има 64. Селфи камерите би имале 32 мегапиксели кај надворешниот екран и 20 кај тој што се превиткува.