oppo-phone-2

Се ближи веројатно денот кога во рака ќе држиме само дисплеј, без воопшто рамка од страните, што ќе ги намали димензиите на паметните телефони, но и ќе изгледа многу подобро, како и што може да се види на протечените фотографии од новиот модел на кинескиот производител Oppo, R7, кој деновиве треба да биде и официјално претставен.

Новиот мобилен на кинескиот производител нема да биде целосно без рамка, туку истата нема да ја има само од страните. Сепак, се чини и тоа е доволно за да изгледа футуристички и да биде многу потесен од конкурентите со иста големина на екранот, кој во овој случај има дијагонала од 5 инчи. Интересно, за разлика од другите телефони со мала рамка, смартфонот на Oppo ќе има посебни капацитивни копчиња за командите во Android, што остава повеќе простор за мултимедијалните содржини.

Инаку, Oppo R7 ќе биде паметен телефон од високата класа, со MediaTek MT6795 процесор со осум јадра, кој е моментално еден од најмоќните кај преносливите уреди. Екранот ќе има веројатно Full HD, односно 1920х1080 резолуција, додека телефонот ќе биде опремен и со 3 GB рам меморија. Задната камера ќе има 20,7 мегапиксели и веројатно ќе користи сензор на Sony, што значи дека треба да вади прилично квалитетни фотографии.

oppo-phone

Како што е случајот и со другите модели на Oppo, R7 треба да биде делумно поевтин од другите конкуренти, но со високо квалитетна изработка. Телефонот ќе се испорача со модифицирана верзија на Android Lollipop, веројатно 5.1.

Иако иновацијата за екран без рамка на Oppo изгледа навистина свежо и футуристички, се чини мобилниот кој го има приматот за телефон со најмала рамка е Sharp Aquos Crystal, кој има рамка само во долниот дел. Сепак, тоа е модел од средната класа и за оние што го сакаат најдоброто од технологијата, Oppo R7 ќе биде веројатно единствениот избор во моментов.

Извор: Android Central, GSM Arena

Претходна статијаInstrument 1 – Повеќе инструменти во еден уред
Следна статијаFacebook овозможи „вградување“ на видеата на други веб страни