passport-silver-15

Канадскиот производител наскоро ќе го лансира првиот свој паметен телефон со Android оперативен систем, а во меѓувреме, додека светот чека на тој голем чекор, ни претставија подобрена верзија на BlackBerry Passport, веројатно единствениот модел од високата класа со хардверска „qwerty“ тастатура.

Подобрувањата во Silver Edition се сведуваат на зајакнување на телото со појак челик, како и нов материјал од страните, кој има дијамант текстура и кој според BlackBerry ќе овозможи полесно држење на телефонот и намалување на шансите за лизгање од раката. Ситни измени има и во тастатурата, а вградена е и дополнителна заштита од гребење на камерите.

Во внатрешноста нема никакви промени, што значи дека процесорот и натаму е Snapdragon 801 со четири јадра кои работат на 2,26 GHz, помогнат од 3 GB рам меморија и 32 GB простор за складирање податоци со можност за проширување преку micro SD картичка.

passport-silver-12

Камерите имаат 13 мегапиксели назад и 2 мегапиксели напред, додека батеријата има капацитет од 3450 mAh. Со оглед на големината на екранот од само 4,5 инчи и резолуцијата од 1440х1440 пиксели (да, екранот е всушност квадрат), ова е прилично голем капацитет и овозможува долго траење на батеријата.

Телефонот ќе се испорачува со вграден BlackBerry 10.3.2 оперативниот систем, кој покрај апликациите од BlackBerry пазарот, може да ги користи и апликациите од Amazon пазарот, кои се всушност Android апликации.

Цената на телефонот е 549 долари, што е конкурентно, но за сите оние кои размислуваат за телефон со хардверска тастатура, препорака е да го почекаат Android телефонот на BlackBerry, кој би требало да пристигне до крајот на годинава.

Извор: Techno Buffalo, GSM Arena

Претходна статијаПротечени спецификациите за двата нови Nexus телефони
Следна статијаSony планира почисти верзии на Android во иднина