Иако има уште доста време до претставувањето на наредната генерација од iPhone, сепак со оглед на тоа што Apple доста порано ги носи повеќето одлуки, не е чудно што уште сега имаме неофицијални информации.
Информациите, кои започнаа уште од минатиот месец, говорат дека iPhone, најверојатно само Pro моделите, конечно ќе добие одреден редизајн после години на скоро ист изглед.
Главната промена која се најавува доаѓа кај модулот за задните камери, па наместо препознатливиот квадрат, тие наводно ќе бидат поставени хоризонтално, односно доста слично како кај Pixel 9 серијата од Google.
Сега овие информации повторно доаѓаат преку кинеската Weibo, a со коментар се приклучува и познатиот Ice universe кој исто така верува дека iPhone 17 Pro ќе изгледа како на сликата, односно во тој правец.
Не сум сигурен дали Apple би се одлучиле за ваков изглед кој барем на сликата не изгледа баш најдобро. Можно е крајниот дизајн да биде направен доста подобар, па сепак ќе оставиме додека излезат повеќе информации пред дефинитивно да судиме.