За Galaxy Z Fold5 се најавува доста голема промена која ќе направи линијата каде екранот се превиткува многу помалку да се забележува. Тоа треба да се постигне со промена на видот на механизмот за преклоп, а со тоа ќе се овозможи и целосно затворање на уредот и помала дебелина.
Сепак, што се однесува до некои други промени, се верува дека Z Fold5 нема да биде нешто посебно различен од ланскиот модел, а ова посебно се однесува на форматот, односно висината и ширината на екраните.
Иако ова како информација не е официјално, фактот дека доаѓа од Ice universe го прави доста меродавно. Промените во димензиите, освен дебелината кога уредот е затворен, нема да бидат нешто посебно големи, а Ice universe го нарекува Galaxy Z Fold5 генерација со најмали промени досега, барем кога се во прашање димензиите.
Поголема промена се очекува за идната година, кога наводно Galaxy Z Fold6 ќе донесе поголеми промени во форматот. Причината поради која ова е важно е можноста да овој уред се користи доволно „удобно“ како смартфон, а не само како мал таблет.
Поголемата ширина на надворешниот екран, како што може да се види кај дел од конкурентите, овозможува уредот најнормално да се користи како смартфон, а неговото отворање да биде по потреба, зависно за што се користи уредот во тој момент.
Оваа информација доаѓа во еден од коментарите на објавата од Ice universe, па не би можеле да знаеме колку е точна, а посебно што има уште доста време до претставувањето на таа генерација од Galaxy Z Fold.
За оваа година информациите се дека Samsung го планира својот летен настан нешто порано од обично, па наместо на почетокот од август, Galaxy Z Fold5 и другите уреди, можеме да ги очекуваме при крајот на јули.
Како причина за тоа се истакнуваат очекувањата дека Google ќе го претстави својот Pixel Fold идниот месец, а ќе започне со негова продажба од јуни.