Ако сте по екстраваганцијата, еве еден смартфон кој може да биде токму за Вас. ProTruly Darling е кинески смартфон со просечни спецификации, но е првиот смартфон со 360 степени камера, која може да се користи за снимање на видео со виртуелно опкружување. Исто така, има и модел со вградени дијаманти, за оние на кои им е значајно тоа.
Дизајнот на телефонот е во најмала рака смешен, за што крива е токму виртуелната камера. Големата широка леќа можеби изгледа „океј“ во задниот дел, во предниот дел изгледа како некое големо око кое ве набљудува. Исто така, поради камерите, телефонот е многу поголем од сите други 5,5 инчни паметни телефони.
Кога сме кај дисплејот, тој има само Full HD резолуција, додека процесорот е на MediaTek со осум јадра, помогнат од 4 GB рам и 64 GB простор. Погоре споменатите камери (напред и назад) имаат 13 мегапиксели и можат да снимаат опкружувачко видео, кое потоа може да го прикачите на сите мрежи кои поддржуваат такво видео (како на пример YouTube и Facebook). Сепак, за обични фотографии и видеа ултра широките леќи може да се покажат и како не многу добро решение. ProTruly Darling е инаку опремен со батерија од 3.560 mAh и прилично нов Android Marshmallow, а се полни преку USB Type-C.
Настрана смешно големата камера, ProTruly Darling ќе може да се опреми и со четири дијаманти, кои се вградуваат меѓу дисплејот и камерата во предниот дел. Тие нема воопшто да го подобрат изгледот на телефонот, барем според мене, но сигурно има луѓе на кои ќе им значат. Цената на ProTruly Darling се движи од 600 до 1.300 долари зависно од моделот, односно од тоа дали ќе се одлучите за дијаманти или не. Јас само би рекол – не се одлучувајте воопшто за овој телефон. Во тоа ќе ви помогне и тоа што веројатно нема да биде достапен надвор од Кина.