Протекоа првите фотографии од Galaxy Note 8 (и тоа од кој друг ако не од Evan Blass) и тие се многу слични на тоа како го замислувавме овој смартфон во нашите глави. Однапред дизајнот е многу сличен на оној на Galaxy S8 и S8+ смартфоните, но со помалку заоблени краеви, додека во задниот дел може да се види дека Samsung се одлучил на својата прва двојна камера во високата класа, која има потенцијал повторно да го однесе Note 8 за чекор пред конкуренцијата.
Иако за овие фотографии не можеме да потврдиме дека се точни, самото тоа што ги има објавено Evan Blass става тежина на оваа информација. Според тоа, јас со сигурност ќе кажам дека ова е дизајнот на финалниот уред. И покрај сите позитивни критики кои можеме да ги дадеме на него, останува негативната критика за поставеноста на скенерот за отпечатоци на прсти, кој повторно е до камерата, а не под неа, што драматично го ограничува неговото користење.
Samsung Galaxy Note8 (in Midnight Black) pic.twitter.com/QZii9xFarQ
— Evan Blass (@evleaks) July 31, 2017
Но, главен адут на Note 8 нема да биде скенерот за отпечатоци – ќе биде задната двојна камера. Според информациите кои ги имаме засега, таа ќе овозможи своевиден 3х оптички зум, односно дури и откако ќе зумирате три пати со телефонот додека сликате, ќе биде достапна целосната резолуција. Вакво нешто се обидоа да направат неколку конкуренти, како на пример Apple, но резултатите сѐ уште не се на нивото на вистински фотоапарат со 3х оптички зум. Двојната камера ќе овозможи и целосно подобрување на квалитетот на фотографиите, особено при ноќни услови, како и можност за изолација на позадината, односно „заматување“ како кај професионалните фотоапарати.
Извор: The Verge, GSMArena, TechnoBuffalo