Windows 10 Mobile во Октомври треба да пристигне и во официјалната верзија, а со него Microsoft ќе лансира два телефони од високата класа – Lumia 950 и 950 XL. Како што бива со интернетот денес, веќе имаме протечени фотографии од поголемиот модел.
Телефонот на фотографијата има футрола, која треба да го прикрие дизајнот, но и покрај тоа, можеме да видиме дека Microsoft нема драстично да го смени дизајнерскиот јазик, односно употребата на поликарбонатна пластика, заедно со метална рамка. Во очи паѓа и малиот простор околу екранот, кој ќе треба да помогне во намалување на димензиите и работењето со една рака, како и копчињата за навигација, кои се сега вградени во самиот оперативен систем.
Двата модели ќе се разликуваат во големините на екранот – Lumia 950 ќе има дисплеј со големина од 5,2 инчи, додека Lumia 950 XL ќе има дисплеј со 5,7 инчи. Исто така, помалиот модел ќе има Snapdragon 808 процесор и батерија од 3000 mAh, додека поголемиот ќе има Snapdragon 810 и 3300 mAh.
Останатите спецификации ќе бидат исти – 3 GB рам меморија, 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка, 20 мегапиксели задна камера со три LED диоди за осветлување, 5 мегапиксели предна камера, читач за ирисот на окото за полесно отклучување и поголема заштита, USB Type-C конектор, како и резолуција на AMOLED дисплеите од 2560х1440 пиксели, како кај најдобрите модели на пазарот денес.
Покрај скенерот за ирисот на окото, двата телефони ќе имаат и Continuum можност, односно ќе можат да се поврзат со голем монитор и да работат како вистински Windows 10 компјутер, со десктоп опкружување.
Освен овие два модели, на почетокот од наредната година Microsoft планира да ја освежи понудата и во пониските класи, а први на ред се наследниците на Lumia 735 и Lumia 830.
Извор: Windows Central, Neowin