Иако уште сме октомври, веќе почнуваат неофицијалните информации со наредната генерација од Galaxy S серијата, односно од највисоката класа на оваа серија. Уште не е познато дали Samsung овие телефони ќе ги нарече Galaxy S21 или S30.
Според неофицијалните информации, кои поради тоа што доаѓаат од познатиот „Onleaks“ може да се сметаат доста точни, Samsung ќе направи мали измени во дизајнот на уредите. Главната промена ќе може да се забележи во изгледот на модулот за камерите кој останува голем и посебно истакнат.
Според нас, модулите за камерите кои почнаа да изгледаат вака од S20 серијата, се одлични и изгледаат многу подобро од само поставувањето на камерите на средината на уредот или со многу помал модул.
Од тоа што може да се види од „рендерите“ кои се направени врз основа на достапните информации, модулот ќе добие мал редизајн, односно ќе биде повеќе видлив, а на страната од уредот ќе продолжи со што се добива „прелевање“. Како што е прикажан овој модул на сликите, уште сега може да кажеме дека изгледа одлично.
Кај S21 Ultra моделот овој модул очекувано ќе биде уште поголем, односно ќе има уште еден ред за поголемиот број на камери којшто би го имал.

Во случајот кај стандардниот S21 модулот е доволно помал за да од Samsung се имаат одлучено „флеш“ сијаличката да ја постават надвор од него.
Според некои информации, S21 Ultra ќе дојде и со поддршка за S Pen, а веќе неколку пати можевме да прочитаме дека наводно S серијата ќе почне да доаѓа со ова пенкалце, како и тоа дека од Samsung планираат да ги спојат S и Note сериите во една.
Покрај изгледот, неофицијалните информации укажуваат на тоа дека Samsung планира овие телефони да ги претстави порано од стандардното. S серијата со ретки исклучоци е претставувана на крајот од февруари, но во 2021 тоа се најавува дека ќе се случи во јануари.
Причините за тоа може лесно да се претпостават. Едно е што нема да може да се организира настан со присуство на публика, што значи дека барем тој дел од организацијата може да се забрза. Исто така, поради пандемијата, информациите покажуваат дека S20 серијата не се продала во очекуваната количина, па од Samsung сигурно ќе им се брза да ја претстават наредната генерација.