За сите оние на кои “P” серијата на паметни телефони на Huawei им е надвор од можностите поради делумно повисоката цена, тука е подеднакво моќната Honor серија. Новиот Honor 8 ќе има скоро исти перформанси како P9, но пластична изработка и поради тоа ќе се нуди по пониска цена.
Како што може да се види на протечените рендери, надворешниот изглед го следи дизајнерскиот јазик на Huawei, но изработката е сепак пластична и не делува „премиум“ како поскапиот брат. Сепак, можностите на телефонот ќе бидат скоро подеднакви – 5,2 инчен дисплеј со Full HD резолуција, Kirin 950 процесор (минимално послаб од Kirin 955 во P9), 3 или 4 GB рам меморија и внатрешен простор од 32/64/128 GB зависно од изведбата. Интересно, батеријата ќе биде делумно помала од онаа на P9 (3.000 mAh), со капацитет од 2.900 mAh.
Од рендер фотографиите може да се види дека назад ќе има две камери, исто како и кај P9, но тука го нема логото на Leica, што значи дека оптичките перформанси на леќите веројатно нема да бидат на највисоко ниво. Не дека просечниот купувач ќе ја забележи разликата, нели. Камерите инаку ќе вадат фотографии со 12 мегапиксели, додека предната камера има сензор со 8 мегапиксели.
Според некои информации, Huawei спрема и Max верзија на новиот Honor 8, која ќе има огромен дисплеј од 6,6 инчи со Quad HD резолуција и голема батерија од 4.400 mAh. Останатите компоненти би требало да бидат исти како на помалиот модел.
Засега сѐ уште нема информации за тоа кога ќе бидат достапни овие модели на Huawei на пазарот, но верувам дека тоа ќе се случи многу наскоро. Очекувајте и подостапни цени од оние на P9, како и достапност на нашиот пазар.
Извор: Ubergizmo, GSMArena, Digital Trends