За можноста Amazon да претстави свој паметен телефон се зборува веќе одреден период. Фактот што тие веќе подолг период имаат таблет компјутери кои што работат на променета верзија од Android оперативниот систем, го прави претставувањето и на телефон прашање на време. Со бројот на излезени неофицијални информации и досегашното искуство со другите производители може да се претпостави дека Amazon ќе претстават паметен телефон, само останува да се види кога тоа ќе се случи и кои карактеристики ќе ги има истиот.
Од порталот BGR тврдат дека имаат дојдено до слика од првиот паметен телефон од Amazon. Од сликата не може премногу да се види за неговиот дизајн поради заштитната пластика поставена околу него, најверојатно за заштита од предвремено протекување, како во овој случај. Меѓутоа она што може да се види од сликите, а од BGR тврдат дека нивните извори го имаат и потврдено, е присуството на повеќе камери на предниот дел од уредот. Па така, телефонот треба да вклучува вкупно 6 камери, од кои што 2 ќе бидат стандардни, односно по една предна и задна камера. Останатите 4 камери ќе бидат поставени на ќошевите од предниот дел од уредот и истите ќе бидат нискоенергетски инфрацрвени камери чија што функција ќе биде следење на движењата на главата и очите на корисникот. Ова следење ќе биде со цел овозможување на 3D ефекти без потреба од очила и од било кој агол на гледање во екранот. 3D ефектите треба да бидат слични, но многу понапредни и на повеќе места, со ефектот на движење на позадината под иконите на iOS уредите.
Покрај оваа потенцијално интересна функција, телефонот ќе вклучува некој од Qualcomm Snapdragon процесорите и 2 GB на RAM меморија. Екранот кој што ќе биде со 4,7 инчи нема да биде со Full HD резолуција, што сигурно ќе разочара многу заинтересирани корисници и ќе доаѓа со 720p екран.
Првиот паметен телефон од Amazon се очекува да биде претставен во Јуни оваа година, а исто така се очекува претставување на послаб модел неколку месеци потоа.
Сепак се работи за неофицијални и непотврдени информации, па според порталот Techcrunch уредот ќе ги вклучува камерите и одредени 3D ефекти, меѓутоа тие нема да бидат главната негова карактеристика и истите ќе бидат со доста ограничени можности. Исто така камерите ќе може да го следат само движењето на главата на корисникот, а не и неговите очи.
Како и секогаш шпекулациите го прават периодот до официјалното претставување поинтересен, па останува да видиме дали и што ќе биде претставено во наредните месеци.
Извор: BGR, Techcrunch