Samsung неодамна го претстави новиот Galaxy A57 5G, заедно со A37 5G, паметен телефон кој има за цел да ја задржи доминацијата на компанијата во повисокиот сегмент од средната класа. 

Најголемата и најзабележителна промена оваа година е физичкиот дизајн. За разлика од ланскиот модел Galaxy A56 кој беше релативно тежок и масивен, новиот A57 е драстично потенок со само 6,9 милиметри и значително полесен, со тежина од 179 грама. 

Куќиштето е изработено од стакло во комбинација со алуминиумска рамка, што му дава солидно чувство при користење кое визуелно многу наликува на поскапата S серија. Како што се очекува од овој сегмент, присутна е и стандардната IP68 сертификација за отпорност на вода и прашина.

Во секојдневното користење, намалената тежина и потенкиот профил прават забележлива разлика, особено при подолго користење за читање или прелистување низ содржини. За разлика од претходната генерација каде масивноста понекогаш создаваше замор во раката, Galaxy A57 лежи многу поприродно. 

Алуминиумската рамка нуди пријатно чувство во раката, а транзицијата меѓу стаклото и металот е изведена прецизно, што за време на тестирањето постојано оставаше впечаток дека во рацете се држи уред од значително повисока ценовна категорија. 

На предната страна доминира 6,7-инчниот Super AMOLED Plus екран со резолуција од 2.340 на 1.080 пиксели, што овозможува нивна густина од 385ppi и стапка на освежување од 120 херци. Осветлувањето на екранот е со 1200 „нити“, а во дадени моменти максимумот кој може да се достигне изнесува 1900 „нити“. 

Иако основните спецификации на екранот се речиси идентични со претходникот, Samsung овде има имплементирано потенки рамки кои придонесуваат за помодерен изглед и подобра искористеност на предниот панел. 

Екранот останува одличен за мултимедија, светол и читлив дури и при директна сончева светлина, додека стапката на освежување обезбедува течно движење низ корисничкиот интерфејс.

Во внатрешноста, телефонот го придвижува новиот чипсет Exynos 1680, заедно со 8GB или 12GB меморија. Овој хардвер обезбедува стабилна работа во секојдневните задачи и мултитаскинг. 

Софтверот се базира на One UI 8.5 кој е одлично оптимизиран и сега интегрира дел од вештачката интелигенција преку пакетот „Awesome Intelligence“, нудејќи корисни алатки за обработка на фотографии и секојдневна продуктивност без непотребно оптоварување на системот.

Искуството со софтверот и перформансите е конзистентно и предвидливо, што е позитивна карактеристика за ваков уред, односно од оваа класа. Новиот процесор успева да одржи стабилност без забележливо загревање на задното стакло, дури и при користење на повеќе апликации истовремено. 

Функциите базирани на вештачка интелигенција се имплементирани ненаметливо и нудат практични олеснувања, како на пример при брза обработка на текст или фотографии, без да се наметнуваат како фокус на самото користење. 

Оваа одмереност го прави телефонот сигурна алатка која не одвлекува внимание, туку едноставно работи во позадина и ја задржува брзината на реакциите константно висока низ целиот ден.

Системот на камери останува конзервативен и се потпира на веќе проверената конфигурација. Уредот поседува главен сензор од 50 мегапиксели со оптичка стабилизација на сликата (OIS), широкоаголна камера од 12 мегапиксели и макро објектив од 5 мегапиксели. 

Квалитетот на фотографиите од главната камера е одличен за оваа класа, со забележително подобрена обработка на сликата во услови на слаба осветленост во споредба со Galaxy A56, благодарение на побрзиот процесор за слика (ISP). 

Сепак, отсуството на телефото објектив останува слабост за корисниците кои бараат поголем оптички зум. 

Автономијата е осигурана преку батерија со капацитет од 5000 mAh која поддржува полнење до 45 вати. Ова обезбедува енергија за цел ден интензивно користење, па проверката на процентот на батеријата не е нешто што е голем фактор кај овој телефон.

Како заклучок, Samsung Galaxy A57 претставува логична и добро обмислена еволуција во средната класа. Наместо да експериментира со радикални хардверски промени, Samsung се фокусира на рафинирање на дизајнот и полирање на секојдневното корисничко искуство. 

Потенкото куќиште и помалата тежина се одлични надградби кои успешно ја поправаат најголемата забелешка за ланскиот модел. 

За оние кои бараат сигурен паметен телефон со премиум изработка, квалитетен екран и долготрајна батерија, а притоа се подготвени да направат компромис со отсуството на телефото камера, овој модел претставува исклучително рационален избор кој нуди одличен баланс меѓу цената и добиеното.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн и изработка
Екран и софтвер
Перформанси и батерија
Вештачка интелигенција
Претходна статијаАЕТМ: Е-трговијата во Македонија продолжува со силен раст – 950 милиони евра во 2025
Следна статијаЗемјата преку објективот на Orion леталото како се „спушта“ зад хоризонтот на Месечината 
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-samsung-galaxy-a57Наместо да експериментира со радикални хардверски промени, Samsung се фокусира на рафинирање на дизајнот и полирање на секојдневното корисничко искуство.