Со деталното и длабоко објаснување на проблемите со батеријата во Galaxy Note 7, Samsung стави точка на проблемите на својот најпроблематичен модел досега. Сега, време е сите да продолжиме понатаму – на крајот од годинава Samsung спрема нов Note смартфон.
Ова е спротивно на многу најави кои велеа дека Note линијата ќе згасне и дека никогаш нема да видиме таков телефон. Не само тоа, туку главниот на мобилната дивизија на Samsung, ДЈ Кох, најави дека новиот Note 8 ќе биде многу побезбеден и посигурен, а воедно и подобар и поиновативен. Знаејќи ги Samsung, може да очекуваме многу иновации кои своевремено најдобриот смартфон на пазарот повторно ќе го вратат на врвот. Оваа година тоа ќе биде особено значајно бидејќи и најголемиот конкурент Apple спрема големи промени и подобрувања кај iPhone 8.
Ова е позитивна вест за купувачите, иако има многумина кои ќе речат „не сакаме телефони кои експлодираат повеќе”. Наместо тоа, гледајте го Note 8 не само како уред каде Samsung ќе покаже дека Note 7 бил само ненамерна грешка, туку уред кој повторно ќе ги придвижи работите на пазарот на паметни телефони напред, како што тоа се случуваше досега. Ова беше првиот телефон со голем дисплеј, голема батерија и пенкалце, од кои првите две се дел од скоро сите паметни телефони денес. Како знаменосец на најголемиот производител на паметни телефони во светот, Note 8 ќе биде исклучително значаен производ за целиот пазар и според мене мора да го прифатиме со отворени раце.
Извор: Techno Buffalo, The Next Web, Android Authority