Најголемиот производител на паметни телефони во светот, повторно лансира нов модел, кој ќе биде наменет за помладата публика, односно тинејџерите, како и еден за оние кои сакаат максимално голем дисплеј. 5 инчниот Galaxy J2 го красат интересен дизајн, солидни спецификации и ниска цена, додека 7 инчниот J Max е евтин таблет со можност за телефонирање.
Galaxy J2 е првиот модел на Samsung кој има „паметен LED прстен“, односно “Smart Glow” околу камерата во задниот дел, кој може да свети во различни бои зависно од тоа каква нотификација прикажува. Корисникот може и сам да избере за која апликација која боја да прикаже, а може да се одбере и комбинација на различни бои (кои веројатно само тинејџерите ќе ги користат).
Настрана од овој интересен адут, се работи за прилично генерички телефон од ниската класа. Процесорот има четири јадра на 1,5 GHz, помогнат од 1,5 GB рам меморија и 8 GB простор, што е минимумот кој треба да го поседува еден Android телефон во 2016, па планирајте брза надградба со micro SD картичка. За побрзо работење на телефонот, пак, Samsung има вградено нова “Turbo Speed Technology” технологија во Android Marshmallow софтверот, која овозможува до 40% побрзо стартување на апликациите од телефони со двојно повеќе рам. Ова веројатно ќе мора да го видиме за да поверуваме.
Дисплејот со големина од 5 инчи има HD резолуција, што е доволно добро со оглед на класата, додека камерите имаат 8 мегапиксели назад и 5 мегапиксели напред. Батеријата има капацитет од 2.600 mAh, што е веројатно доволно за еден ден користење со оглед на штедливите компоненти, но не очекувајте чуда од типот на два дена користење, што особено важи за помладите, кои знаат буквално да „дремат“ на “chat” клиентите како Viber и Messenger.
Цената на Samsung Galaxy J2 изнесува 145 долари во Индија, што е коректно со оглед на тоа што купувате телефон со Samsung лого, но за овие пари кинеската конкуренција веќе нуди реално подобри телефони, кои нудат многу повеќе за истите пари.
Galaxy J Max од друга страна е веројатно уште помалку интересен уред. Да, има 7 инчен дисплеј кој ќе овозможи подобро уживање во мултимедијалните содржини, но неговата резолуција е само 1280х800 пиксели, што нема да изгледа премногу добро растегнато на толкав дисплеј.
Внатрешните компоненти се исти како кај J2, што значи дека не треба да очекувате којзнае колку добри перформанси (освен поголемиот простор од 16 GB), додека тука предната камера е симната на само 2 мегапиксели, што сигурно нема да им се допадне на помладите. Батеријата пак има капацитет од 4.000 mAh, што делува големо вака на хартија, но не заборавајте дека се работи за телефон со огромен дисплеј од 7 инчи.
Цената на Galaxy J Max изнесува 200 долари во Индија. Телефонот доаѓа со вграден Android Lollipop, што е исто така минус, но во пакувањето барем добивате Bluetooth слушалка за разговори, што значи дека нема би морало да го држите огромниот телефон-таблет залепен до вашето лице.
Извор: GSM Arena (1) (2), Slash Gear