Оперативниот систем од кој Samsung очекуваше многу, сепак остана на маргините на смартфон сцената. Новиот модел со Tizen го носи името Z2 (а е наследник на Z1 и Z3) и го карактеризира пред се многу ниската цена.
За разлика од кинеските производители, тука цената не е придружена макар и од солидни перформанси. Дисплејот има големина од само 4 инчи (поточно 3,97 инчи), со многу голема рамка околу него и застарена 800×480 резолуција, што значи дека пикселите ќе бидат лесно видливи.
Процесорот е солиден со 1,5 GHz поделени на четири јадра, но рам меморијата од 1 GB е веројатно минимумот со кој треба да се испорача еден паметен телефон, макар и имал оперативен систем оптимизиран од производителот и на хардверот и на софтверот. Телефонот сепак има 4G конекција, но тоа веројатно и не е толку голем адут – денес скоро сите нови модели имаат таква можност.
Камерите исто така не се импресивни – задната има 5 мегапиксели, додека предната има резолуција од 640х480 пиксели и веројатно не би сакале воопшто да ја користите за сликање. Батеријата исто така има мал капацитет од 1.500 mAh и за да може да издржи барем еден ден, повторно ќе се надеваме на оптимизацијата на Tizen.
Овој телефон ќе се продава само во Индија по цена од околу 68 долари, што е добро – кај нас сигурно не би успеал. Сепак, Samsung се чини продолжува да ги лансира овие уреди со цел да го задржи Tizen на пазарот на паметните телефони, бидејќи од друга страна тој е прилично успешен во нивните паметни часовници и паметни телевизори.
Извор: Liliputing, Venture Beat, GSMArena