Tinitel е најмалиот телефон направен, кој што е во форма на часовник, наменет за носење на раката од страна на децата. Моментално е во фаза на прибирање на средства преку Kickstarter каде што веќе ги има собрано минимум потребните средства кои што изнесуваат 100.000 долари, а компанијата која што го развива овој уред се наоѓа во Шведска.
Tinitel нема екран и доаѓа со едно големо копче на предната страна, како и две странични копчиња од страна за прилагодување на јачината на звукот. Функционира преку притискање на главното копче и кажување на името на контактот што сакате да го повикате, а ова копче се користи и за одговарање на дојдовните повици. Може да издржи до еден час разговор и една недела доколку не се користи за разговори, односно во stand by режим. Исто така телефонот може да ги изговара контактите со притискање на двете странични копчиња, па со тоа да не се користи системот за препознавање на гласовни команди.
Затоа што е наменет за користење од страна на децата, телефонот ги има само најосновните функции. Родителите имаат целосна контрола над уредот преку веб апликација или преку апликација достапна за Android и iOS уредите. Преку овие апликации родителите може да вршат лоцирање на децата преку вградениот GSP чип, да ги внесуваат броевите во именикот, да ограничуваат кои броеви ќе може да го повикуваат телефонот, како и избор на одредени броеви кои кога повикуваат телефонот автоматски да одговори на повикот. Исто така информациите за локацијата на уредот, како и сите прилагодувања се заштитени и до нив може да пристапи само регистрираниот корисник/родител, а тој може да додели пристап и до други корисници.
Tinitel исто така доаѓа со карактеристики кои што треба да го направат сигурен додека децата го користат, па така тој е водоотпорен и отпорен на песок и прашина, па родителите не треба да внимаваат каде децата ќе го однесат кога се надвор и играат.