Вториот најголем кинески бренд за смартфони, Xiaomi, годинава спрема уште еден смартфон со многу мала рамка околу дисплејот, наследник на одличниот Mi Mix, но покрај него тие ќе претстават уште еден смартфон од високата класа, кој ќе има малку поголема рамка, но исто така моќни спецификации. Mi Note 3 ќе биде инаку поголема верзија на Mi 6, досегашниот знаменосец на компанијата, кој беше претставен на почетокот од второто тримесечје оваа година.
Xiaomi не ни даде никакви информации за смартфонот со неговата најава, но веќе протече пакувањето од овој смартфон, на кое ги има сите потребни информации. Така, сега знаеме дека процесорот ќе биде Snapdragon 660, што е мало изненадување (се очекуваше 835-ката), но помогнат од од 6 GB рам меморија и дури 128 GB простор, што е одлична вест.
Назад пак е вградена двојна камера, исто како кај Mi 6, а напред информациите ќе се прикажуваат на AMOLED дисплеј со QHD резолуција од 2560х1440 пиксели. Нормално, телефонот ќе доаѓа со вграден MIUI 9 базиран на Android Nougat.
Според овие спецификации, може да се очекува Mi Note 3 да биде и прилично достапен смартфон, кој ќе биде трн во окото на телефоните од средната класа на етаблираните производители, како на пример Samsung. Како и да е, повеќе информации ќе дознаеме денес, кога ќе биде и официјалното претставување на Mi Note 3, заедно со веројатно поинтересниот Mi Mix 2.