Axon 7 е веројатно еден од најдобрите смартфони годинава, за кој многу малку се зборува. Телефонот има луксузна изработка, извонредни спецификации и посебен аудио засилувач кој е веројатно најдобар во високата класа, особено ако на него ставите квалитетни слушалки. Сега, ZTE спреми и нова, лимитирана верзија на Axon 7, која има дисплеј со Force Touch „ала“ iPhone, 6 GB рам и 128 GB простор.
Force Touch е технологија за препознавање на притисок и овозможува секундарни команди со посилно притискање на дисплејот. Со оваа технологија, ZTE очигледно сака директно да му конкурира на Apple и неговиот iPhone, но и на Huawei P9 Plus и Mate S кои исто така ја имаат таа можност. Од идната година Force Touch можеме да очекуваме и во многу повеќе Android телефони, бидејќи таа ќе биде вклучена во самиот оперативен систем.
Axon 7 инаку има 5,5 инчен AMOLED дисплеј со Quad HD резолуција и пресни стерео звучници, кои сигурно ќе овозможат одлично доживување при гледање на видео. Процесорот е Snapdragon 820, како и кај сите Android смартфони од високата класа, додека лимитираниот модел е опремен исклучиво со 6 GB рам меморија и 128 GB простор.
Камерите се импресивни, барем на хартија – задната има 20 мегапиксели и f/1.8 бленда, додека предната има мошне солидни 8 мегапиксели. Батеријата пак има капацитет од 3.250 mAh, што е се чини минимумот за толку моќен телефон, но таа барем поддржува Qualcomm 3.0 брзо полнење преку USB Type-C приклучокот.
Најглем адут на лимитираната верзија на ZTE Axon 7 повторно ќе биде ниската цена, која изнесува примамливи 500 долари. Конкуренцијата од етаблираните производители бара 200 долари повеќе за истите перформанси, можности и квалитет на материјали и изработка.
Извор: Android Central, Android Police, GSMArena