Најновиот производител од Кина, кој е почнат како стартап и е поддржан од Lenovo и кој веќе го лансираше својот прв телефон Z1, покажа прототип од паметен телефон, кој има транспарентен дисплеј.
Според она што можеме да го видиме, телефонот нема внатрешни компоненти, како чипсет, матична плоча и батерија, што значи дека целата таа компјутерска сила мора да е сместена некаде надвор. Ова е една од најголемите причини, односно проблеми, со кои се соочуваат производителите во желбата да го лансираат првиот транспарентен телефон.
На прототипот, очигледно е дека компонентите се сместени во кутијата подолу и според тоа, како паметен телефон, овој засега би бил неупотреблив. Колку пак навистина ќе биде употреблива оваа технологија исто така треба да се доведе во прашање. Да, кул факторот е секако присутен и со сигурност ваквиот телефон би успеал на пазарот, но сликата на транспарентниот дисплеј никогаш нема да биде квалитетна како онаа на стандардните, барем не во догледно време.
Сепак, со развојот на изменетата реалност, ваквите телефони би можеле да имаат многу голема примена во тој дел. На пример, телефонот би можел да прикаже што гледате во позадина, каде сте итн., исто како Google Glass. Денес, некои телефони ова веќе можат да го направат со камерите, но факт е дека транспарентен дисплеј ќе ја донесе изменетата реалност на едно повисоко ниво.
Секако, не очекувајте овој телефон да го видите на пазарот во скоро време, но очекувајте транспарентни телевизори и големи дисплеи, кои Samsung неодамна ги претстави, а кои можат да си дозволат да имаат компоненти сместени надвор од самиот екран.
Извор: Ubergizmo