hero_image_sp3_1x_us

Една од главните работи кои што привлекуваат внимание кај новиот интернет прелистувач од Microsoft, Edge, е поддршката за додатоци кои што се едни од главните функции на другите прелистувачи.

Уште поважно, од компанијата најавија дека ќе овозможат едноставно префрлување на постојните додатоци од Firefox и Chrome, без потреба од правење на целосно нов додаток.

Ова е дел од новата стратегија на Microsoft да привлече нови корисници на својата платформа преку овозможување на едноставно портирање на постојни апликации од iOS и Android, со минимална промена на кодот.

Поддршката за додатоци во Edge сепак нема да биде веднаш достапна, односно од пуштањето на неговата финална верзија заедно со Windows 10 ова лето. Додатоците ќе бидат овозможени до крајот на годината со некоја од надградбите кои што се најавува дека ќе бидат почести со новиот оперативен систем.

Сепак, иако се работи за универзална апликација, поддршката за додатоци нема да биде овозможена и за мобилната верзија, барем не веднаш по пуштањето на десктоп. Информацијата дека поддршка за додатоци е планирана и за мобилната верзија доаѓа од Twitter профилот на тимот програмери на Microsoft Edge кои одговараат на повеќе прашања поврзани со прелистувачот.

Тие истакнуваат дека во овој момент тоа е долгорочна цел, па иницијалното пуштање ќе биде само на PC. Корисничкиот интерфејс, како и меморијата и процесирачката моќ претставуваат ограничувачки фактор за работа на додатоците на мобилните телефони.

Извор: Windows Central