Фото: Google

Google продолжува да ги проширува можностите на својот Gemini јазичен модел, овојпат со нова алатка наменета за програмерите и администраторите – Gemini CLI. Станува збор за „командно-линиски агент“ базиран на вештачка интелигенција, со отворен код, кој е дизајниран да помогне во секојдневната работа со код, автоматизација и развој.

Кратко кажано, целата работа која програмерите ја прават преку нивната омилена терминал апликација, сега ја добива помошта од вештачката интелигенција за побрзо завршување на работите. 

Gemini CLI е AI агент кој функционира во терминалот, овозможувајќи интеракција со Gemini моделите директно од командната линија. Наместо класично пребарување, отворање IDE апликации и барање помош по форуми, програмерите можат едноставно да прашаат: „Зошто ми враќа грешка оваа Python скрипта?“ или „Напиши ми Dockerfile за овој проект“ – и да добијат одговор веднаш, таму каде што работат.

Интеграцијата со локалните датотеки е дел од системот, па Gemini CLI може да чита код од нив, да го анализира, објаснува или дури и да предлага подобрувања. Иако сè уште се работи на безбедносните аспекти, Google тврди дека контролата останува во рацете на корисникот.

Со ваквите алатки работата на програмерите и администраторите дефинитивно станува поефикасна, а се надеваме дека во наредните години нема да стане и заменета. 

Иако Gemini CLI е во главно наменет за програмерите, тој може да се користи и за сите стандардни работи за кои се користат јазични модели, како пишување содржина, добивање одговори на разни теми и слично.