Управувањето со сметките, односно трошоците, е нешто со кое се соочуваме секој месец, а сепак ретко кој има систематичен преглед на тоа колку точно троши и дали навремено ги подмирил сите обврски.
Токму овој проблем се обидува да го реши новата Android апликација МоиСметки, која им овозможува на корисниците да ги следат месечните трошоци за струја, вода, греење, телефон, интернет и сè останато на едно место.
Зад апликацијата стои програмерот Тони Колев, односно истиот македонски ентузијаст од кој доаѓа и апликацијата Календар, за преглед на празници и неработни денови, за која веќе имавме пишувано на Smartportal. Тоа значи дека повторно станува збор за локален производ, целосно на македонски јазик и конкретно наменет за нашите корисници.
Она по што се разликува МоиСметки од типичните апликации за финансии е фокусот кон едноставноста. Корисниците ги внесуваат своите типови на сметки еднаш, а апликацијата потоа автоматски ги генерира месечните записи без потреба од повторно рачно внесување. На почетниот екран веднаш се гледа кои сметки треба да се платат за тековниот месец, а со еден клик може да се означат како платени.
Дополнително, апликацијата нуди годишен преглед на трошоците по месеци, како и целосна историја на сите платени и неплатени сметки организирана по тип и период. Вакво нешто е корисно за секој кој сака да има подобра слика за своите месечни расходи низ подолг временски период.
Од аспект на безбедноста, МоиСметки поддржува заштита со PIN код и биометрија преку отпечаток на прст. Сите податоци се чуваат локално на уредот, без потреба од интернет конекција, што е важен детал за корисниците кои водат сметка за приватноста.
Апликацијата нуди и можност за „бекап” и враќање на податоците преку JSON датотека, па при промена на телефон ништо не се губи.
На 20ти во секој месец апликацијата автоматски испраќа потсетник за неплатените сметки, па нема ризик нешто да се пропушти.
МоиСметки е без реклами и е целосно бесплатна, а е достапна за преземање преку Play Store, а доаѓа и со целосно прилагоден интерфејс за таблет компјутерите.
Убаво е да се види дека македонски програмери продолжуваат да развиваат практични алатки кои директно одговараат на потребите на домашните корисници.











































