Најновата Windows 11 Insider Preview верзија 29558.1000 од Canary каналот донесе едно особено интересно освежување кое ќе им го привлече вниманието на програмерите и напредните корисници. Windows Console Host, односно класичната конзола на Windows, доби сериозна листа на подобрувања кои доаѓаат директно од „open-source” заедницата на Windows Terminal проектот на GitHub.
Тоа значи дека голем дел од овие промени всушност се дело на самите корисници од заедницата, вклучувајќи ги и Windows Insiders. Microsoft само ги интегрираше назад во системот, што е одличен пример за тоа како развојот на отворен код може директно да го подобри искуството на сите корисници.
Една од поинтересните новини е опционалниот нов Atlas/Direct3D „rendering path”, познат како UseDx, кој може да се активира преку „registry key” (HKCU\Console, DWORD UseDx=1). Дополнително, „Find” дијалогот сега поддржува пребарување со регуларни изрази („regular expressions”), што е функција која отсекогаш им недостасувала на корисниците кои поминуваат многу време во конзолата.
Оригиналниот „rendering engine” сега поддржува и „bold” фонтови, а решен е и долгогодишен проблем каде одредени карактери знаеја да се изгубат при „paste” операции. Ова е еден од оние „багови” кои знаеја да фрустрираат корисници со години.
Сепак, можеби најинтересното подобрување е поддршката за Sixel графика, која овозможува конзолата да прикажува слики директно во терминалот. Microsoft покажа пример каде WinGet прикажува икони на апликации во самата конзола, што изгледа прилично импресивно за едно „command line” опкружување.
Од страната на перформансите, подобрувањата во брзината на „scrolling” се навистина забележителни, а Microsoft тврди дека во одредени сценарија забрзувањето достигнува и до 10 пати.
Сите овие промени се достапни преку Canary каналот на Windows Insider програмата, што значи дека станува збор за рана фаза на развој и нема гаранција дека секоја функција ќе стигне до финалната верзија на Windows. Сепак јасно е дека Microsoft сериозно работи на модернизирање на конзолата, а заедницата игра клучна улога во тој процес.









































