Фото: Belim / Builtbybel / Github

Доволно често пишуваме на тема Windows 11 и критиките кои ги добива Microsoft изминатиот период, за да е јасно дека овие години се можеби најлошите за компанијата, а посебно за корисниците. 

Критиките кои ги добива Microsoft се реални и во главно се поврзани со перформансите на Windows 11, минималните хадрверски барања за инсталација, како и константното форсирање на Copilot во сите можни делови и апликации. 

Дека од компанијата не сакаат да ги прифатат критиките покажува и новогодишната објава од страна на директорот Сатја Надела, преку која тој најавува дека оваа година ќе биде клучна за вештачката интелигенција. 

Тој дури го користи терминот „slop“ кој стана доста популарен за опис на вештачката интелигенција и Windows 11, па сака да каже дека на овие алатки треба да почне да се гледа како на софистицирани. 

Со име инспирирано од овој термин, Winslop алатката е тука да им овозможи на корисниците некаков спас од сите овие наметнувања од страна на Microsoft и претворање на Windows 11 во поедноставен оперативен систем. 

Windows 11 во основа е одличен систем, со одличен нов дизајн, но се повеќе станува јасно дека интеграцијата на ВИ добива приоритет, додека други доста важни функции остануваат во втор план. Поради тоа трпат перформансите на системот, има доста грешки и проблеми, па Winslop може да ги реши дел од нив. 

Алатката е направена од страна на истиот програмер кој стои зад познатата FlyOOBE, алатка која овозможуваше инсталација на Windows 11 на неподржан хардвер, но и дополнително прилагодување. 

Winslop како алатка е наменета за корисниците кои веќе го користат Windows 11 и сакаат да ги исклучат или избришат дел од функциите кои сметаат дека не им се потребни, а доаѓаат со системот. 

Како такви се алатките со вештачка интелигенција, апликациите како Edge, прилагодување кои се поврзани со приватноста на корисниците и повеќе, а за понатаму се најавуваат дополнителни функции. 

Алатката може да се симне преку Github, а препорачувам да се користи само од страна на поискусни корисници кои точно знаат што прават, затоа што како и со сите вакви алатки, постои ризик од „расипување“ на инсталацијата, па потоа ќе мора да се направи повторно инсталирање на Windows 11.