Microsoft минатата година најави дека веќе нема да ја ажурира старата WordPad апликација и дека истата ќе биде тргната од некоја наредна верзија од Windows 11.

Сега од компанијата ја имаат и конкретната верзија од Windows 11 кога се планира тргањето на WordPad, а тоа е наредната поголема надградба на системот, односно Windows 11 24H2.

Оваа надградба се очекува да биде пуштена во есен, поточно некаде во октомври како и секоја година.

Со тргањето на WordPad корисниците веќе нема да имаат бесплатна апликација за „малите“ потреби за работа со текст. Оваа апликација беше првпат претставена во Windows 95 и се смета за доста полесна алтернатива на Word.

Microsoft им препорачува на корисниците да ја користат Word апликацијата, која не е бесплатна, а за едноставните текст потреби да ја користат Notepad.

Ова сигурно не е добра препорака за корисниците кои немаат потреба да плаќаат за ваква апликација, а Notepad е сепак за друга намена. Затоа се препорачува користење на некоја од бесплатните конкурентни апликации на Microsoft 365, како што е LibreOffice, на пример.