Факт е дека Vision Pro уредот од Apple е доста скап и доаѓа со батерија со мал капацитет која мора да се носи поврзана со кабел, на пример во џебот. Поради ова воопшто не изненадува фактот дека Vision Pro не е баш популарен уред, посебно во споредба со некои од конкурентите, но е доста добар показател за што може да се очекува во иднина.
Покрај ваквите карактеристики и способности на еден уред, јасно е дека еден од најважните фактори за успех е и достапноста на апликации на платформата, а познато е колку „утнаа“ од Microsoft кога овој дел не го менаџираа како што треба со одличната Windows Mobile платформа.
Поради тоа, одбивањето на Google да ја пушти YouTube апликација за visionOS, па дури и преку можноста да биде дозволена само верзијата од iPadOS, наместо целосно изворна верзија, покажа дека Apple може да има проблем.
Сепак, од Google најавија дека работат на развој на YouTube апликацијата за visionOS, па еве две години од најавата истата станува официјално достапна.
Корисниците можат да ја симнат апликацијата од App Store преку нивниот Vision Pro уред, а истата ги поддржува сите функции од другите платформи, па корисниците веќе нема да мора да го користат Safari за гледање на најпопуларната платформа за видеа.
Дали ова значи дека Vision Pro не е толку непопуларен уред како што мислиме или едноставно Google знае дека наредните верзиите ќе бидат многу подобри, ќе видиме во годините што следат.










































