jaguar-mind-sense

Безбедноста на патиштата е една горлива тема за многу производители на автомобили и општества кои се обидуваат да го решат овој проблем преку воведување казни, ограничување за брзината, подобрување на патиштата… Изгледа дека тоа не е доволно. Иако несреќите на патиштата се намалуваат процентуално во однос на популацијата, барем во САД, сепак премногу луѓе гинат на нив.

За да помогне во решавањето на проблемот доаѓа најновиот систем за автомобилска безбедност од Jaguar Land Rover наречен 6th Sense (6-то сетило). Наречен е вака веројатно поради тоа што воведува иновација во автомобилската безбедност преку следење на мозочните бранови на возачот покрај другите системи. Да, токму така – со помош на сензори вградени во воланот 6th Sense ќе ги детектира вашите мозочни бранови, а од таму ќе процени во каква состојба сте и дали сте способен за возење.

Мозокот работи на повеќе различни фреквенции и типови на бранови (алфа, бета, гама..) во зависност од состојбата во која се наоѓаме: будност, поспаност, сконцентрираност, опуштеност итн. Најверојатно системот на Jaguar Land Rover ги снима и толкува овие бранови, па ако гледа дека запаѓате во сон или „летате“ некаде со умот ве предупредува со звук, и со вибрирање на педалата за гас и на друго место. Оваа технологија е оригинално создадена од NASA за подобрување на концентрацијата кај пилотите на нивните ракети и шатлови.

Дополнително, во седиштето на автомобилот ќе бидат вградени сензори за срцебиење, дишење и слично, кои ќе ја набљудуваат здравствената состојба на возачот. Ако се случи некој немил настан како срцев удар, или да заспие возачот, автомобилот ќе преземе чекори да застане и да ги алармира потребните служби.

Од друга страна, ако системот осети стрес кај возачот може да ги намали светлата и да пушти музика за да го опушти. Од Jaguar Land Rover работат дополнително на систем со екран кој ќе предвидува што сакате да стиснете и на кој ќе можете да одберете само со покажување со прстот, без да го допирате вистински.

Во секој случај добри иновации кои ќе овозможат подобрување на безбедноста на патиштата и избегнување непотребни несреќи кои се случуваат поради преморени возачи.

Извор: Engadget, Jaguar Land Rover

Претходна статијаРоботи наместо вработените на аеродромите
Следна статијаПогледнете како е направена новата позадина за Windows 10