Вештачка интелигенција за прв пат успеа да надмине човек на тест за читање. Алгоритамот развиен од кинескиот гигант Alibaba успеа да оствари подобри резултати на тест со повеќе од 100 000 прашања. Се работи за Stanford Question Answering Dataset, кој е тест за читање и разбирање признаен во целиот свет.
Алгоритамот на Alibaba извојувал тесна победа над човечките противкандидати за само неколку поени. Славата меѓутоа не траела долго бидејќи веќе наредниот ден алгоритамот на Microsoft успеал да оствари уште подобар резултат. AI е во состојба да понуди многу попрецизни одговори на речиси секоја тема од било кој човек, бидејќи има капацитет да процесира огромно количество информации од голем број извори. Покрај процесирањето на информации, AI забрзано ги унапредува и своите способности за учење и разбирање. На тој начин машината го унапредува своето „однесување“ и се прилагодува на однесувањето на луѓето.
Ваквата технологија би можела да најде примена во голем број аспекти каде до сега човекот беше незаменлив. Користењето на AI за такви цели ќе значи сериозни тектонски поместувања на пазарот на труд и автоматизација на голем број работни места. Трендот кој започна пред повеќе од 2 века со индустриската револуција, се чини дека го достигнува својот апекс.
Глобалните лидери во неколку наврати посочија на ризиците од динамиката со која човекот ја развива AI технологијата. Лидерот на РФ, Владимир Путин недвосмислено истакна дека стравува од начинот на кој AI би се применувал во иднина. Сепак, научниците кои стојат зад AI убедуваат дека човештвото ќе има бројни бенефити и дека непосакуваното однесување би можело да се спречи.