
Персоналните асистенти базирани на вештачката интелигенција се покажуваат како навистина популарни во земјите каде што се достапни. Во нашата земја, за жал, иако може да се користат со менување на регионот на уредот, сепак не се достапни на македонски јазик. Тоа значи дека ние сега за сега можеме само да го гледаме развојот и повремено да го тестираме, но само на англиски.
Сите кои што барем малку го следат ИТ светот слушнале за Siri од Apple, Google Now, Cortana од Microsoft, а исто така во развој се и Facebook M и Hound од Sound Hound.
На оваа група на компании кои што развиваат ваков персонален асистент се приклучува и кинеската Baidu. Претставувана како кинескиот Google, компанијата работи со огромни профити и во последните години на развој на вештачка интелигенција која што е претставувана како прилично напредна.
На минатонеделната Baidu World Conference во Пекинг, беше претставен персоналниот асистент наречен Duer. Во превод овој збор значи „Du секретарка“. Duer е вграден во Baidu апликацијата која што е достапна на Android платформата.
На презентацијата на технологијата можело да се видат некои од функциите кои што ќе бидат достапни, а се во главно очекувани од еден персонален асистент. Корисниците ќе можат да прават пребарувања преку гласовни команди, пребарувања кои што можат да бидат посложени. Исто така презентирана било можноста за правење на резервации во ресторани и слични активности.
Вештачката интелигенција почнува да ги покажува своите можности во изминатите години, а сето тоа е само почетокот. Со текот на годините ќе можеме да гледаме поголем развој на истата, а одредени личности дури и предупредуваат за можните проблеми кои што може да произлезат од овој развој доколку не биде строго контролиран.
Извор: China Daily, PCWorld, The Guardian