Безжичното полнење е нешто што корисниците сигурно би сакале да го користат, доколку полначите можат да ги полнат уредите од поголема оддалеченост. Моментално достапните безжични полначи за да можат да ги полнат уредите, тие мораат да бидат поставени врз нив, што иако полнењето се прави без користење на кабли, не е тоа што корисниците го имаат замислувано.
Полначот кој што го развива uBeam компанијата треба да им овозможи на корисниците да ги полнат своите уреди без разлика каде се наоѓаат и движат во својата соба. uBeam полначот работи преку ултразвук, односно енергијата ја претвора во звук, кој што потоа повторно е претворен во енергија во уредот. Додека уредот се полни, вие може да го користите вашиот уред и да се движите низ собата, а полначите преку кабли веќе нема да ви требаат. Сепак uBeam полначот е се’ уште во развој, па од компанијата планираат да почнат со комерцијална продажба некаде за две години. Планирани се два типа на полначи, еден помал за обичниот корисник кој што ќе може да го користи во соба или канцеларија, како и поголем кој што би бил наменет за стадионите, аеродромите и слични поголеми јавни места.
Сепак овој полнач има и една маана, а тоа е неможноста да го пренесува звукот, односно енергијата преку ѕидови. Тоа значи дека можете безжично да го полните вашиот уред било каде во вашата соба, меѓутоа доколку излезете од неа, полнењето престанува. Од uBeam нагласуваат дека ќе може да се постават повеќе трансмитери, односно полначи, па корисниците на тој начин ќе можат да го покријат целиот дом. Полначот ќе биде со дебелина од само 5 милиметри, па ќе може да биде поставен на било која локација без притоа да изгледа чудно.
Извор: Engadget, The New York Times, uBeam