Дали сметате дека електромагнетните зрачења се штетни за човековото тело и предизвикуваат најразлични заболувања како рак? Дали сметате дека сите би биле подобри ако не би носеле преносни уреди со нас постојано кои испуштаат вакво зрачење? Не сте единствени.
Сепак, се` уште не се знае дали сте во право. Меѓутоа, за тие кои не сакаат да бидат постојано озрачувани од електронските уреди насекаде околу нив постои еден град во САД со име Green Bank во Западна Вирџинија во кој активно се спроведува „забраната“ за електромагнетни зрачења. Го пишуваме „забрана“ во наводници бидејќи не постои вистинска, правна забрана, туку се работи за друго.
Имено, овој град се наоѓа веднаш до два чудовишни уреда: Robert C Byrd телескопот, кој претставува најголемата подвижна градба во светот и чија намена е снимање на електромагнетните зрачења од небото; и уште еден огромен телескоп управуван од NSA.
Постоењето на овие два многу битни телескопа на едно место изискува посебни мерки за нивна изолација од електромагнетни пречки. Затоа, лабораториите активно го спроведуваат правилото за забрана за електромагнетни зрачења од цивилното население во градот. Безжични мрежи се избегнувани, мобилни телефони се избегнувани, како и светла и електрични линии. Сепак, не сите го почитуваат тоа правило па од обсерваторијата имаат специјален камион со детектор на ЕМ зрачења со кој ги пронаоѓаат и бараат од нив да ги исклучат своите електронски уреди кои зрачат.
Поради оваа ситуација градот е привлечна мета на луѓе кои се „електромагнетно хиперосетливи“ т.е. кои пријавуваат негативни физички и ментални симптоми поради изложеност на електромагнетно зрачење. Сепак, постои одредена тензија меѓу тие кои веќе живеат таму (и кои се 120 на број) и тие кои сакаат да се вселат.
Проблемот е токму во електромагнетната хиперосетливост. Повеќето студии покажуваат на тоа дека такво нешто не постои и не е валидна дијагноза која може да се дава на пациенти. Од друга страна, многу пациенти изјавуваат дека навистина ги осеќаат овие симптоми, и дека најчесто студиите се финансирани од владини тела и од индустријата која нема интерес да се препознаат негативните ефекти од електромагнетното зрачење. Симптомите кои ги пријавуваат вклучуваат најчесто опсипување на кожата, осеќање непријатна топлина, вртоглавица, повраќање, онесвестување и така натаму.
Не постои цврст доказ дека електромагнетните зрачења предизвикуваат рак, вртоглавици и други негативни појави и заболувања. Сепак, Меѓународната агенција за истражувања околу ракот ги прогласи мобилните телефони како потенцијален извор на рак (Група 2Б). Од друга страна, две студии од 2005 г. и од 2008 г. укажуваат на наодот дека не може да се најде врска меѓу електромагнетното зрачење и пријавените симптоми на електромагнетна хиперосетливост.
Како и да е, жителите на Green Bank не мислат така и планираат да останат во градот кој е „чист“ од електромагнетни зрачења. Нас ни останува да ги следиме истражувањата на оваа тема кои доаѓаат од светот бидејќи се` повеќе луѓе стануваат изиритирани од секаквите извори на електромагнетно зрачење околу нив.
Извор: The Guardian 1, 2, 3