Автономните возила дефинитивно се иднината на мобилноста во светот, но во моментов технологиите кои се применуваат сѐ уште не се на доволно високо ниво за целосно да го заменат возачот. Microsoft планира да ги подобри можностите на овие системи со нов “open source” проект, кој може да се користи за тренирање на системите за автономно возење, но и како симулација на краш тест на дронови, тренирање на роботи и многу други технологии кои бараат слична примена..
Целото име на оваа платформа е “Aerial Informatics and Robotics Platform” и таа може да генерира најразлични виртуелни околини, кои може да се искористат за забрзано вежбање на автономните системи.
Платформата може и добро да го имитира реалниот свет, преку верна репрезентација на осветлувањето, голем број на објекти на едно место (како на пример дрва), што може да му помогне на возилото подобро да се справи во случај на многу објекти на едно место (од кои едниот може да е на пример пешак), како и со сенки и висок отсјај.
Ова може да се покаже како многу побрз начин за развој на оваа технологија од возење на истите автомобили во реалниот свет, иако добро би било тоа да биде финалниот чекор пред тие да бидат пуштени на пазарот.
Токму тоа е и идејата на Microsoft – според нив оваа платформа не треба ексклузивно да се користи за развој на автономните системи, туку да се користи комплементарно на тестирањето во реалниот свет. Нејзина предност е тоа што може да се креираат и симулираат голем број на експерименти за многу пократко време, а и нема опасност од грешка на системот.
“Aerial Informatics and Robotics Platform” инаку е базирана на популарниот Unreal Engine и достапна за Windows и Linux. Можете слободно да ја преземете на следниов линк.
Извор: The Next Web, Tech Crunch, ZDNet