
До пред неколку години, повеќето од мултимедијалните системи во автомобилите користеа софтвер на Microsoft, се до влезот на Google и Apple во секторот. Сепак, софтверскиот гигант сѐ уште има адути во ракавот – со моќта на Microsoft Azure облакот, тие овозможуваат неколку поволности за производителите, кои прв во своите возила ќе ги вгради Renault-Nissan концернот.
Бидејќи се работи за Microsoft, покрај можноста за управување на автономните возила преку „облак“, системот овозможува и многу други поволности. На пример, додека автомобилот сам вози на патиштата, возачот ќе има можност да користи Microsoft Office, односно дел од работата ќе може да ја префрли во својот автомобил.
Поголемата слика е корисникот на возилото целосно да се поврзе во Azure облакот и потоа да ги има истите поставки дури и ако купи ново возило од брендот. Како и кај паметните телефони, тука само ќе треба да се логирате со вашето корисничко име и лозинка и сите поставки ќе бидат исти како во претходниот автомобил.
Со поврзувањето на облакот, корисникот ќе може лесно да има пристап и до сите работи во своите останати уреди, како компјутерот и паметниот телефон, што значи дека системот во автомобилот ќе биде буквално порта низ која возачот ќе може да ја користи моќта на сите свои останати уреди, дури и ако тие не се наоѓаат во автомобилот.
Според Renault-Nissan, новата технологија ќе биде вградена во 10 автономни возила од брендовите Renault, Nissan и Infiniti, кои ќе треба да бидат лансирани до 2020 година.