Едно од главните ограничувања кај двата најпопуларни уреди за виртуелна реалност денес, HTC Vive и Oculus Rift е тоа што мора да се поврзат со моќен десктоп компјутер за воопшто да функционираат. Ова ги прави многу поскапи од нивната почетна цена само за уредот, но го прави и нивното користење вистински кошмар поради мноштвото кабли со кои треба да се поврзат.
Project Alloy е нов уред за виртуелна и проширена реалност, кој има вграден компјутер, што значи дека е целосно безжичен и не бара поврзување со каков и да било друг компјутер за да функционира. Ова го прави многу покорисен во многу ситуации кога немате статичен компјутер до вас. Поточно, во скоро сите ситуации, освен кога сте во собата каде е сместен вашиот десктоп компјутер.
Но, Project Alloy има и други адути – за разлика од конкурентите, тој може да прикажува и проширена реалност, благодарение на RealSense 3D камерата на Intel вградена во самиот уред и Windows Holographic платформата. Благодарение на ова, корисникот на овој уред ќе може елементите од виртуелната реалност да ги гледа во своето опкружување – на пример, ќе може да си ги види рацете и со нив директно ќе може да има интеракција со виртуелните холографски елементи.
Холографската страна е од големо значење за многу корисници. Таа може да помогне во многу полесно снаоѓање во околината (многу е лесно да се сопнете од каблите или пак некоја друга препрека кога имате Oculus Rift на очите), но и за уште подобри функционалности во игрите. Всушност, можностите на проширената реалност одат многу подалеку од тоа – со неа можете и целосно да го прередите просторот околу вас ако тој ви станал досаден…
Project Alloy е “open source” хардвер, што значи дека сите производители ќе можат да направат своја верзија од него (слично како што прават AMD и Nvidia со графичките карти). За што побрза изградба на еко систем од апликации и игри, Intel ќе го понуди API-то на дивелоперите наскоро. Сите уреди кои ќе бидат со “Project Alloy” дизајн ќе мора да имаат и инсталиран Windows 10 со Windows Holographic Platform.
Извор: Ubergizmo, Engadget, PCWorld