Фото: OpenAI

Во коментар за Axios, главниот директор за глобални односи на OpenAI, Крис Лехан, откри дека од компанијата имаат за цел да го претстават нивниот прв уред во втората половина од оваа година. 

Оваа информација може да се каже дека до некаде доаѓа како изненадување со оглед на тоа што сите неофицијални информации досега најавуваа доцнење на овој сѐ уште непознат производ, за кој само се знае дека ќе биде со вештачка интелигенција, се разбира. 

Очекувано, Лехан нема истакнато дополнителни детали, освен најавата за претставувањето оваа година, па можеме да продолжиме да претпоставуваме каков ќе биде овој уред. 

Инаку, OpenAI на развојот на својот прв уред работи со легендарниот дизајнер на повеќето Apple уреди, Џони Ајв, а од компанија минатата година го купија неговиот стартап наречен „io“. 

Од стандардните „протекувачи“ на информации, сега се очекува дека првиот уред од OpenAI и Џони Ајв, ќе биде до некаде конкурент на AirPods слушалките од Apple. 

Поточно, се работи за уред кој ќе биде поставен зад ушите на корисникот, кој ќе има посебен 2nm чип и преку кој ќе може да се даваат команди до вештачката интелигенција. 

Се верува дека OpenAI и Џони Ајв работат на повеќе видови на уреди, па првиот кој ќе биде претставен може да нема врска со неофицијалните најави кои ги имаше неколку пати изминатиот период.