Досега се изнагледавме многу различни начини за да ги заштитиме нашите лични податоци во преносните уреди, но производителите главно ги користат отпечатоците од прстите (iPhone и Android) и ирисот на окото (Windows 10). Samsung сепак има нова идеја, која изгледа дека ќе функционира најдобро кај паметните часовници.
Имено, другите две технологии не би биле претерано корисни за овие уреди. Во случајот со отпечатоци на прстите би морале секогаш да ја користите другата рака (јас не успеав да го допрам часовникот со раката на која го носам), односно да го доближите до очите во случајот со скенерот за ирисот на окото.
Корејскиот производител има многу поелегантно решение – системот пушта инфрацрвени зраци на вените на горниот дел од рацете и потоа ги вчитува податоците со камера. Да, сите имаме различно поставени вени на рацете, барем ако му веруваме на Samsung. Ова решение ќе овозможи часовникот секогаш да знае на која рака се наоѓа, што значи дека не би функционирал доколку некој сака да ви го „поноси“ или украде.
Овој систем, наречен Васкуларен Скенер, може да се користи и доколку сакате лесно да се логирате во апликациите, на веб сајтовите или пак да платите со својот часовник. Системот е и прилично доверлив – нема да му пречи ниту да ви бидат валкани рацете, односно се додека не носите ракавици, се е океј.
Единствен недостаток на евентуален часовник со ваков скенер е тоа што може да се носи само на едната рака – ако го ставите на другата рака скенерот веќе нема да гледа во дланката. Ова би можело да се реши со поставување на два скенери, од двете страни на часовникот, но тоа веројатно би ја покачило цената. Или пак Samsung ќе треба да произведе различни часовници за деснораки и левораки луѓе.
Васкуларниот скенер е сеуште во фаза на патент и не очекувајте уште годинава да го видите во паметните часовници на Samsung, но знаејќи го корејскиот производител, тоа може да се случи во многу скоро време.
Извор: TechnoBuffalo, PhoneArena, Android Authority