Автоиндустријата цели кон применување на т.н. автономни системи за управување на возилата и се поизвесно е дека веќе во наредната декада истиот ќе се најде на патиштата ширум светот во комерцијална употреба. Tesla убедливо води на ова поле, меѓутоа актуелниот степен на развој е далеку од вистинска автономија.
Главната пречка со која се соочуваат инженерите е конструирањето на подобри, односно почувствителни сензори. Компанијата AEye е една од многуте кои се вклучија во трката за изработка на автономен систем за управување, меѓутоа набргу се соочија со истиот проблем. Имено, компанијата зад која стојат имиња како Lockheed Martin, Northrop Grumman и NASA своите сензори ги дизајнираше според актуелниот модел на ласерски снопови со чија помош се добива претстава за околината. Слабоста на овој модел лежи во тоа што ласерските снопови можат да бидат емитирани исклучиво под претходно подесен агол. Тоа значи дека немаат можност за динамично скенирање на околината. Понатаму, ваквиот модел е скап за производство.
Луис Дусан, еден од првите луѓе на AEye вели дека компанијата има замисла да примени нов модел на LIDAR сензори. Моделот би функционирал по принципот на медицинските апарати за ултра звук. Односно, со испраќање на ласерски сигнал кој би патувал во две насоки преку одредена површина. Понатаму, системот би нудел два засебни вида на скенирање на околината. Широка слика од опкружувањето во ниска резолуција и високо квалитетна резолуција на потесен сегмент од патот. Сензорот би можел да се прилагодува на околностите и да одредува приоритетни информации за обработка.
Слично нешто се обидуваат да создадат и од Apple. Од таму открија дека компанијата развива сензор кој има способност да функционира под различни атмосферски влијанија, како дожд или снег. На сличен начин Apple-овиот сензор би можел да ја мапира околината во детален 3Д модел.
Јасно е дека компаниите во трката по најсофистицираниот автономен систем целат кон поголемо ниво на безбедност. Како што се чини, безбедноста ќе биде доведена до совршенство кога на патиштата ќе се најдат возила исклучиво управувани од AI и нема да имаат потреба да се справуваат со непредвидливото однесување на кое се склони луѓето.